Додека локалните медиуми сè уште рециклираат застарени вести за индивидуални софтверски грешки, глобалната ИТ индустрија се соочува со тектонско поместување. Извештајот на Jellyfish објавен деновиве во TechRadar Pro открива фрапантен податок: 64% од софтверскиот код во светот веќе го генерира вештачка интелигенција. Доколку овој тренд продолжи, следната година тој процент ќе достигне 90%.
Ова веќе не е предвидување за далечната иднина. Ова е реалност која го менува дефиницијата на тоа што значи да се биде „програмер“.
Парадоксот на „инженерот што не кодира“
Неодамнешната сторија на Business Insider за ИТ инженерка која со месеци не допрела линија код, евоцира мешавина од возбуда и егзистенцијален страв. Таа е симбол на новата генерација професионалци кои се чувствуваат како набљудувачи на сопствената професија. Ако ВИ го работи „тешкото кодирање“, што останува за човекот?
Одговорот лежи во концептот на Agentic AI (автономни агенти). Како што предвидуваат аналитичарите од Logiciel, софтверските инженери на иднината нема да бидат „копачи во дигиталните рудници“, туку диригенти на AI оркестри.
Од „кодери“ во „архитекти на системи“
Вредноста на инженерот се префрла од рачното пишување код кон стратешките дисциплини. Во ерата на автономни агенти, клучни стануваат четири столба:
- Дизајн на архитектура: Како да се постават темелите на комплексен систем?
- Domain Knowledge: Разбирање на бизнисот – што и зошто градиме, а не само како.
- Prompt Engineering & Orchestration: Поставување на правилни барања и управување со низа AI агенти.
- Критичка етика и безбедност: Кој ќе ја сноси одговорноста кога машината ќе погреши?
Кој е во „зоната на ризик“?
Од сè досега изложено, се чини дека Junior позициите се најмногу изложени на удар. Рутинските задачи, едноставното тестирање и повторувачкото кодирање се првите сегменти каде што вештачката интелигенција покажува супериорна ефикасност. Но, ова не треба да се гледа како „крај на патот“ за младите девелопери, туку како итен повик за еволуција. Еден јуниор кој денес ќе ги совлада AI алатките, всушност прескокнува неколку скалила во продуктивноста и побрзо се трансформира во посакуваниот „архитект“ на системи.
Заклучок: Еволуција, а не истребување
ИТ инженерите нема да исчезнат. Тие ќе станат повредни од кога било, но под еден услов: да престанат да се борат против машината и да почнат да ја управуваат.
Прашањето за македонскиот ИТ сектор кој е ориентиран пред се’ на аутсорсинг, не е „дали AI ќе нè замени“, туку кои наши инженери ќе научат да бидат диригенти, а кои ќе останат да свират на инструменти што веќе никој не ги слуша.
