Додека бројните актуелни информации секојдневно се поврзани со чет-ботовите и за тоа колку тие стануваат се’ „попаметни“, деновиве светските медиуми фокусот на вниманието го насочија кон излагањето и пораките на Извршниот директор на OpenAI, Сем Алтман на неодамна одржаниот Самит за инфраструктура на BlackRock во Вашингтон – настан кој јасно ја дефинира иднината на ВИ не повеќе само како софтвер, туку алатка која прераснува во своеврсна комунална услуга на 21-виот век.
ВИ како „струја и вода“: Крај на ерата на претплати?
Една од најсилните тези што Алтман ги употреби за време на неговото излагање е споредбата на ВИ со основните ресурси во едно општество. Во таа насока, тој укажува дека корисниците можеби нема да размислуваат многу за самата технологија, бидејќи едноставно ќе пристапуваат до „интелигенција“ на начинот на кој тие ја користат електричната енергија или водата.
Ова подразбира суштинска промена во економскиот модел на технолошките гиганти. Алтман посочи дека услугите за вештачка интелигенција би можеле да се движат кон цени базирани на употреба, каде што клиентите плаќаат за количината на компјутерска моќ или излез на вештачка интелигенција што ја трошат, наместо фиксна претплата. Со други зборови, интелигенцијата би можела да се испорача „на броило“, слично на тоа како домаќинствата плаќаат за електрична енергија или вода.
Од извршители до „супервизори на интелигенција“
За менаџериte ова е сигнал за сериозна реорганизација на процесите. Алтман укажа на тоа дека улогите на работното место веќе се менуваат, а софтверското инженерство е првиот вистински тест. Ако ВИ веќе може да генерира код, да прави ревизии и да поправа багови за неколку минути, што е тогаш улогата на човекот?
Одговорот лежи во супервизијата. Наместо самите да го извршуваат секој технички чекор, вработените ќе се фокусираат на насочување и надзор на ВИ системите. Овој концепт веќе го гледаме во пракса: кога еден инженер со вистинските алатки може да дизајнира комплексни решенија во области надвор од неговото примарно образование, станува јасно дека моќта веќе не е во знаењето на секој детал, туку во знаењето како да се менаџира ресурсот.
Бизнис стратегија: Преплавување на пазарот со изобилство
Во заднината на оваа визија лежи пласманот на огромен капитал. Партнерствата на OpenAI со гиганти како Nvidia и Microsoft, како и поддршката од BlackRock, имаат една цел – да го „преплават пазарот“ со евтина интелигенција.
Зошто ова е важно? Ако интелигенцијата остане скап ресурс, таа ќе биде концентрирана само кај најмоќните. Со тоа што ќе стане „обична стока“ („commodity“), таа станува достапна за секој претприемач во секој дел на светот.
На планот на економската и корпоративна стратегија Алтман заклучува дека веќе е видливо оти ВИ ги преобликува корпоративните стратегии низ целиот свет, при што компаниите интегрираат агенти на ВИ за да ја зголемат продуктивноста. Притоа, пресметувачката моќ (Computer power) е директно поврзана со генерирањето приходи, што ја прави инфраструктурата на ВИ главен економски двигател.
Во делот на лидерството и проценката занимлива е и неговата оценка дека Извршните директори и лидери сеуште ја користат проценката врз алатките за ВИ, но улогите ќе се менуваат како што ВИ се’ поуспешно ќе се справува со сложените задачи.
Како еден од најзначајните заклучоци кој се наметнува е – дека АИ постанува нова глобална инфраструктура, како електричната енергија, и како таква бара неверојатни инвестиции во дата-центри, но и оти ќе биде неопходна за секоја економија.
