Најновите постигнувања во развојот на леталата го надминуваат концептот на дроновите како поединечни единици; тие веќе се дел од еден софистициран, паметен систем.Светот веќе не зборува за „летање дронови“, туку за Urban Air Mobility (UAM) – концепт кој подразбира користење на збир на мали, високо автоматизирани летала за превоз на патници или товар на ниски височини во урбани и приградски области. Целта е да се намали сообраќајниот метеж и да се понуди нова форма на брз, ефикасен и одржлив транспорт, без да се наруши постоечкиот авио сообраќај.
Престижните светски магазини меѓу кои и MIT Technology Review го најавуваат крајот на „пилотираните“ дронови и почетокот на целосната автономија преку 5G мрежите.
Што всушност претставува U-Space?
U-Space е европска иницијатива за создавање дигитален и автоматизиран систем за управување со беспилотни летала (дронови) во нискиот воздушен простор. Целта е да се овозможи безбедно, ефикасно и масовно користење на дронови во урбани и рурални средини, без да се наруши постоечкиот авио сообраќај. Кога овој концепт ќе се доразвие, дигитализирниот воздушен простор ќе овозможува илјадници дронови да летаат истовремено, безбедно и без меѓусебни судири. Всушност, тоа се „невидливи автопати“ кои овозможуваат достава на крв меѓу болници, итна испорака на пратки и автоматска инспекција на енергетските системи.
Кои се главните карактеристики на U-Space и основните придобивки?
Како клучни елементи на овој концепт би можеле да се издвојат:
- Дигитализација и автоматизација: системи што овозможуваат автоматско следење, идентификација и управување со дронови
- Интеграција со авио сообраќај: U-Space мора да работи заедно со традиционалниот Air Traffic Management (ATM)
- Служби и апликации: од достава на пакети и медицински материјали, до инспекции на инфраструктура и земјоделски апликации
- Европска рамка: создавање единствен пазар за дрон услуги и технологии, со заеднички правила и стандард
Во најзначајните придобивки би се вброиле неколку и тоа: а) безбедност – заради намалување на ризик од судири и хаос во воздушниот простор, б) ефикасност – со овој концепт се овозможува подобро управување со голем број летови на дронови, в) одржливост – како придонес и поддршка за зелени транспортни решенија и намалување на емисиите, г) економски раст – создавање нанови работни места и индустрии поврзани со дрон технологијата.
Дали Македонија е подготвена за ваквите предизвици?
Она што е извесно е дека неодамна, односно во јануари минатата година, беше усвоена неопходната законска регулатива и правила за користење на дроновите, усогласена со европските стандарди, а ја спроведува Агенцијата за цивилно воздухопловство (MCAA). Сето ова претставува добра основа за натамошна интеграција во U-Space. Во таа насока, значаен елемент претставува и одличната 5G покриеност, која е „нервниот систем“ неопходен за комуникација на автономните дронови во реално време.
Доколку продолжат напорите за успешна интеграција во U-Space, тоа секако ќе придонесе и во намалување на сообраќајните проблеми во Скопје, и тоа на дел од нив како што е овозможување на воздушен транспорт на пратки.
Основен предуслов за сето ова се вложувања во дигиталните системи за управување со воздушниот сообраќај зашто без тоа, усвоените законски регулативи ќе останат само неуспешни обиди за искористување на „македонското небо“ и негово претворање во значаен економски ресурс.
